Армијата на Израел нападна цели на исламистичкиот Хамас во Појасот Газа непосредно пред да стапи во сила договорениот прекин на огнот, објави армијата.
„Војниците го уништија тунелот од кој утрово излезе терорист на Хамас и пукаше во војниците“, објавија израелските одбранбени сили (ИДФ) на „Телеграм“.
„Армијата наиде на терористи и оружје во зграда што ја користеше Хамас. Терористите беа убиени, а зградата беше уништена“, додаде армијата.
Рано утринава, израелската влада и Хамас постигнаа договор за четиридневен прекин на огнот и ослободување десетици заложници во замена за ослободување на палестинските затвореници во израелските затвори.
Точниот почеток на прекинот на огнот треба да биде објавен во рок од 24 часа, според Катар, кој посредуваше во договорот.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху истакна дека војната во Појасот Газа потоа ќе продолжи додека неговата влада не ги постигне сите свои цели. Ова вклучува елиминирање на Хамас, враќање на сите заложници и исчезнати лица и сигурност дека Газа повеќе нема да претставува закана за Израел.
Египетскиот претседател Абдел-Фатах ал-Сиси изјави во Каиро дека неговата земја ќе продолжи да работи за траен мир откако беше објавен договор со посредство.
„Го изразувам успехот на египетско-катарско-американското посредување во постигнувањето договор за спроведување на хуманитарниот прекин на огнот во Појасот Газа и размената на луѓе што ги држат двете страни“, рече тој на платформата „Икс“.
Тој вети дека ќе продолжи со напорите на Египет за постигнување трајни решенија за палестинско-израелскиот конфликт „со цел да се постигне правда, да се воспостави мир и да се гарантираат легитимните права на палестинскиот народ“.
Текстот Израел нападна цели на Хамас – војската уништи тунел од кој утрово излегол терорист е превземен од МАКФАКС.