Израел одговори на палестинските ракети со напад на неколку цели во појасот Газа

пред 3 години

Израелски авиони рано утрово погодија неколку локации во појасот Газа, откако палестинските сили во петокот испукаа две ракети кон јужен Израел.

„Целта на израелскиот воздушен напад беше погон за производство на ракети и локации за обука и сместување на армијата кои припаѓаат на Хамас“, соопшти израелската армија, пренесува АП.

Ракетите истрелани од палестинска страна во петокот беа насочени кон јужниот град Ашкелон, но беа неутрализирани од против-воздушната одбрана, се вели во соопштението на армијата.

Ниту една палестинска група во Газа не ја презеде одговорноста за ракетниот напад што го наруши повеќемесечниот прекин на огнот.

Палестинските медиуми објавија дека утрово во воздушните напади на израелската армија биле искршени прозорците на некои објекти во источниот дел на градот Газа, без потврда за евентуални жртви.

Често се случуваат вакви ракетни напади и израелски одмазднички артилериски и воздушни напади, но тие главно се стопирани во последните месеци, најмногу поради избувнувањето на епидемијата со Ковид-19 на двете територии, коментира агенцијата.

Палестинските милитантни групи и израелските власти се согласија да ја прекинат ескалацијата на конфликтот на границата меѓу Израел и Појасот Газа, но исламистичката група Хамас го обвинува Израел дека не ги испочитувал своите обврски за прекин на огнот, кои вклучуваат олеснување на блокадата на Газа, што треба да овозможи инфраструктурни проекти и создавање на нови работни места во оваа област.

Share
Scroll to Top