Израелската армија (ИДФ) отвори нови коридори за бегство на цивили на југ од палестинската територија, а меѓу нив е и излезната рута од Ал Шифа – најголемиот болнички комплекс во Појасот Газа.
Коридорите ќе бидат отворени до 16 часот по локално време.
Израел е под зголемен притисок дури и од неговите цврсти сојузници како САД поради цивилните жртви во Газа. Иако израелските лидери ги отфрлаат повиците за прекин на огнот, Израел веќе неколку дена им дава на цивилите заробени во опколениот град Газа и другите делови на северот шанса да излезат.
Израелската војска најави дека денеска ќе биде отворен безбеден коридор директно од погодената болница Ал Шифа, најголемиот медицински комплекс на територијата, до релативно помирниот југ од Газа.
Израелската војска го обвинува Хамас, кој управува со Појасот Газа, дека ја користи болницата како команден и контролен центар. За време на викендот околу болницата беа забележани израелски тенкови.
Светската здравствена организација претходно објави дека изгубила контакт со персоналот во Ал Шифа, при што некои лекари бегаат додека стотици пациенти остануваат заробени во комплексот без струја.
Израел им кажува на Палестинците дека ќе бидат безбедни на југот на Газа, но сведоците и новинарите видоа неколку израелски воздушни напади и во таа област.
Израелската армија тврди дека станува збор за исклучиво насочени напади врз членови на терористичката организација Хамас.
Текстот Израел отвори премин за бегство на цивили од болницата Ал Шифе на југот на Газа е превземен од МАКФАКС.