Израелските власти планираат да одобрат изградба на 2.223 нови станбени единици за доселеници во населби само за Евреи изградени во окупираниот палестински Западен Брег, пренесува „Мидл Ист монитор“.
Владата планира и да ја унапреди изградбата на 863 станбени единици во палестинските села во Областаа Ц на Западниот Брег, прв пат по повеќе години, во иницијатива предводена од премиерот Нафтали Бенет, кој сака да го легитимира проширувањето на населбите, објавија израелски „Канал 12“ и „Хаарец“.
„Џерусалем пост“, пак, наведува дека плановите со кои се прекинува дефакто замрзнувањето на населбата се првиот значаен поттик за нови еврејски домови во Областа Ц откако американскиот претседател Џо Бајден ја презеде функцијата во јануари.
Во исто време, весникот наведува дека по американскиот притисок за зајакнување на Палестинската Самоуправа, која се соочува со зголемен притисок од Палестинците, можно е и давање зелено светло за изградба на палестински домови во Областа Ц. Сепак, нема утврдено датум за изградба на палестинските домови, која може да биде откажана во секое време.
На почетокот на 2020 година, организацијата за човекови права „Бимком“ посочи дека само 21 од 1.485 барања од Палестинци за градежни дозволи во Областа Ц биле одобрени од страна на израелската цивилна управа помеѓу 2016 и 2018 година.
Во исто време, Бенет, кој тогаш бил министер за одбрана, им дал инструкции на властите да го интензивираат израелскиот притисок за откажување на палестинската изградба во таа област, тврдејќи дека Областа Ц на окупираниот Западен брег му припаѓа на Израел.