Неколку илјади жени протестираа денес на улиците на Истанбул, барајќи владата да ја повлече својата одлука за напуштање на Истанбулската конвенција – меѓународен договор против семејното насилство.
Со силно полициско обезбедување, демонстрантите се собраа на крајбрежјето. На еден транспарент пишуваше „Заштитете ги жените, а не извршителите на насилство!“.
„Повлекувањето од Истанбулската конвенција е катастрофа за милиони жени и деца кои живеат во оваа земја“, рече директорот на Амнести Интернешнл во Турција, Еце Унвер, повикувајќи ја владата да ја повлече одлуката.
Податоците на СЗО покажуваат дека 38 проценти од жените во Турција доживеале насилство од партнер, во споредба со 25 проценти во Европа.
Проценетата стапка на убиства на жени во Турција, за која нема официјални податоци, е приближно тројно зголемена во последните десет години, според организациите за мониторинг.
Досега оваа година, 87 жени биле убиени или починале во сомнителни околности.
„Ние нема да се предадеме. Ќе бидеме тука додека не ги вратиме слободата и конвенцијата. Нема да се откажеме”, рече студентката Селин Асалар Челик.
Конзервативците во Партијата на правдата и развојот на Ердоган (АКП) посочуваат дека конвенцијата, која ја нагласува родовата еднаквост и ја забранува дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација, ги поткопува семејните вредности и го охрабрува насилството.
Официјални лица оваа недела истакнаа дека домашните закони ќе ги штитат жените во Турција, а не странските договори.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, минатата недела објави дека Турција се повлекува од Истанбулската конвенција. Турција беше меѓу првите потписнички на конвенцијата, а жените сега предупредуваат дека нивната безбедност е загрозена од одлуката на Ердоган.