Има јасни показатели дека во Германија започна третиот бран на пандемијата, тврди институтот „Роберт Кох“

пред 3 години

Поради зголемувањето на бројот на нови инфекции и седумдневната инциденца, централниот германски епидемиолошки институт „Роберт Кох“ гледа почеток на трет пандемиски бран.

„Постојат јасни индикации дека во Германија започна третиот бран на пандемијата. Јас сум многу загрижен“, изјави денеска Лотар Вилер, директор на Институтот.

Тој додаде дека во моментов борбата се води помеѓу мутираните видови на вирусот и брзината на вакцинација. Вилер се надева дека 80% од населението би можело да се вакцинира до есен, по што мерките би можеле да се ублажуваат.

Во Германија се евидентирани 14.356 нови инфекции, што е за околу 2.400 повеќе од пред една недела и е најголем број од крајот на јануари. Ова го продолжи последователното зголемување на бројот на новозаразени во последните неколку недели, од кои 55 проценти се инфицирани со британска варијанта на вирусот – Б.1.1.7.

Седумдневната инциденца се искачи на 69,1, а за еден ден се регистрирани 359 смртни случаи. Оваа инциденца постојано се зголемува од средината на февруари. Владата ги услови новите отворања во културниот, спортскиот и угостителскиот сектор со пад на инциденцата под 50.

Share
Scroll to Top