Индиската делегација на самитот Г7 во самоизолација поради два позитивни теста

пред 4 години

Целокупната делегација на Индија на самитот на Групата седум најразвиени земји на светот (Г7) во Лондон е во самоизолација, бидејќи два члена на делегацијата се позитивни на Ковид-19, соопшти денеска британската влада.

„Двајца делегати имаа позитивен тест, па целата делегација сега оди во самоизолација“, изјави британски официјален претставник, пренесува „Ројтерс“.

Тој додаде дека на самитот се предвидува строг сет на протоколи поврзани со ковидот, вклучително и дневно тестирање на сите делегати.

Индискиот министер за надворешни работи Субрахманијам Џаишанкар не беше позитивен на вирусот, напиша на „Твитер“ репортерот на „Скај њуз“, Џо Пајк.

Џаишанкар рече дека виртуелно ќе се приклучи на тековниот самит Г7, откако е информиран за изложеноста на луѓето со потенцијална зараза со коронавирус.

„Синоќа бев информиран за изложеноста на потенцијални позитивни случаи на ковид. Од голема претпазливост, но и од грижа за другите, решив да го спроведам својот ангажман во виртуелен режим. Така ќе биде денес за време на состанокот на Г7“, напиша министерот на „Твитер“.

Индија не е членка на Г7, но Велика Британија ја покани на овој самит, заедно со Австралија, Јужна Африка и Јужна Кореја.

Share
Scroll to Top