Иран ќе го зголеми капацитетот на објектот „Натанц“

пред 4 години

Инцидентот што се случи синоќа не го запре процесот на збогатување на ураниум во иранскиот нуклеарен објект „Натанц“, рече денеска потпретседателот на земјата, Али Акбар Салехи, кој е на чело на Организацијата за атомска енергија на Иран, посочувајќи на плановите за зголемување на капацитетот на објектот, пренесува ТАСС.

„Вчерашниот инцидент во објектот ‘Шахид Ахмади Рошан’ не го запре процесот на збогатување, објектот се префрли на итно снабдување со електрична енергија“, рече Салехи.

Според него, објектот „Натанц“ ќе продолжи да работи и неговиот капацитет ќе се зголеми за 50 отсто. Тој додаде дека властите за неколку дена ќе ги заменат оштетените центрифуги со помоќни.

Техеран вчера соопшти дека нуклеарниот објект „Натанц“ бил погоден од прекин на електричната енергија. Салехи го опиша инцидентот како чин на нуклеарен тероризам.

Иранскиот министер за надворешни работи, Мохамад Џавад Зариф, пак, посочи на вмешаноста на Израел во инцидентот во пкстројката.

„Њујорк тајмс“ цитираше американски и израелски разузнавачи кои изјавиле дека Израел, односно Мосад, имал улога во инцидентот.

Share
Scroll to Top