Ирска активистка ги номинира Асанж, Сноуден и Челси Менинг за Нобелова награда за мир

пред 3 години

Ирската активистка и добитничка на Нобеловата награда за мир од 1976 година, Маиред Кориган Мегваер, ги номинираше основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, како и дојавувачите Едвард Сноуден и Челси Менинг за Нобеловата награда за мир во 2021 година, пренесува „Ајриш тајмс“.

„Индивидуално, секој од нив даде безброј примери на храброст разоткривајќи ги незаконските активности на владите што предизвикаа милиони смртни случаи, доведувајќи ги во ризик сопствените слобода и живот. Колективно, нивните животи на саможртва и несебичност претставуваат извонредни демонстрации за величественоста на човекот дух“, изјави коосновачот на организацијата „Пис пипл“ во нејзиното писмо до Норвешкиот комитет за Нобел.

Во моментов Џулијан Асанж се соочува со затвор до 175 години во САД ако биде осуден за сите 18 обвиненија против него, додека на Сноуден му се заканува затворска казна од 10 години за откривање детали за американскиот масовен надзор.

Поранешниот воен разузнавачки аналитичар Челси Менинг, кој ги обелодени воените злосторства на САД во Ирак и Авганистан, во 2013 година беше осуден на 35 години затвор, но беше ослободен во 2017 година кога американскиот претседател во заминување, Барак Обама, ја измени казната.

Менинг беше затворен повторно во март 2019 година откако одби да сведочи пред порота за поврзаност со Асанж, но уште еднаш беше ослободен минатиот март, извлекувајќи се со парична казна од 256.000 американски долари.

Share
Scroll to Top