Исламист обвинет за масакрот во Париз провоцирал во судницата, по што му бил исклучен микрофонот

пред 3 години

Судијата што го води судењето за големиот џихадистички напад во Париз од 2015 година, во кој беа убиени 130 луѓе, а стотици повредени, денеска требало на кратко да го одложи рочиштето, бидејќи главниот обвинет се обидел да ги претстави своите политички ставови во судот втор ден во ред.

Салах Абдеслам, главниот обвинет за големиот напад што се случи на 13 ноември 2015 година во Париз, добил право од судијата да ги каже своите ставови за време на расправата за тоа на кои претставници на жртвите ќе им биде дозволено да учествуваат во судењето.

Абдеслам го искористил тоа право, прашувајќи дали и жртвите од војните во Сирија и Ирак ќе бидат повикани да сведочат. Тој, исто така, рекол дека тој и неговите колеги, другите обвинети во случајот, се третираат како да се веќе прогласени за виновни. Обвинетиот додадал и дека некои од неговите познаници не биле вклучени во планирањето на нападот во Париз, но дека му помагале како негови пријатели.

Судијата постојано го предупредувал Абдеслам дека отстапува од темата на сослушувањето, за на крајот да го исклучи неговиот микрофон, како што известува новинарот на „Ројтерс“ од местото на настанот. Но, Абдеслам и онака продолжил да зборува, па судијата го одложил рочиштето. Паузата траела 25 минути.

Се верува дека 31 -годишниот Абдеслам е единствениот преживеан член на исламистичка милитантна група која изврши серија напади во Париз во 2015 година, користејќи огнено оружје и бомби. Нападнати беа неколку ресторани и кафулиња, концертната сала „Батаклан“ и националниот стадион.

Абдеслам вчера пред судот, на првиот ден од судењето, изјавил дека е војник на Исламска држава, ултрарадикална милитантна група, а подоцна извикал дека тој и останатите обвинети се третирани како кучиња.

Судењето кое започна вчера се очекува да трае девет месеци.

Share
Scroll to Top