Ризикот од инфекција со корона во затворен простор е ист, без оглед дали луѓето се оддалечени два метра или 20 метри, дури и кога носат маска, тврди новото истражување на експерти од Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ). Новата студија ги доведува во прашање упатствата за одржување на растојание што се усвоени низ целиот свет.
Професорите од МИТ, Мартин Бизант и Џон Буш, кои предаваат хемиски инженеринг и применета математика, развиле метод за пресметување на ризикот од изложеност на коронавирусот со употреба на разни фактори на ризик, особено времето минато во затворени простории, циркулацијата и квалитетот на прочистувањето на воздухот, имунизацијата, видот и циркулацијата на вирусот, употребата на маски и варијабли како што се брзината на дишење, јадење, комуникација или пеење, пренесува Си-ен-би-си.
Со ова истражување, двајцата научници ги доведоа во прашање препораките на Националните центри за контрола и превенција на болести и Светската здравствена организација.
„Укажавме дека нема вистинска корист од примената на правилата за минималното растојание од два метра, особено кога луѓето носат маски“, тврди професорот Бизант.
„Всушност нема физичка основа затоа што воздухот што едно лице го издишува додека носи маска се крева и паѓа на друго место во просторијата, така што сте поизложени на вирусот во позадината отколку на вирусот што го издишува лицето пред вас“, вели тој.