Италија ги истражува „викенд-снајперистите“, Сараево се приклучува на постапката

Италија ги истражува „викенд-снајперистите“, Сараево се приклучува на постапката

пред 4 часа

Градскиот совет на Сараево денес даде согласност Градот да се приклучи кон кривичната постапка што во Милано се води против лица осомничени за снајперско дејствување врз цивили за време на војната. Одлуката е донесена откога италијанското обвинителство покрена истрага за таканаречените „викенд-снајперисти“, кои наводно плаќале за да пукаат врз цивили во опколениот град, пренесе Радио Слободна Европа.

Италијанските медиуми на почетокот на ноември минатата година објавија дека обвинителството во Милано покренало истрага врз основа на пријава од писателот и новинар Ецио Гавацени. Според неговата пријава, странци плаќале големи суми пари за со снајпер да убиваат граѓани.

Гавацени, по неколку обиди на Радио Слободна Европа да добие изјава, индиректно порача дека не сака јавно да истапува. Во меѓувреме, во Милано одржал прес-конференција на која најавил дека во февруари ќе објави книга за „снајперското сафари“.

Првите наводи за доаѓање странци на боиштето, како што вели, ги видел уште во 1995 година во текст на весникот Кориере дела Сера, по што почнал да пишува трилер на таа тема. Но, набрзо се откажал бидејќи сфатил дека знае премалку. На идејата повторно се вратил дури во 2022 година, поттикнат од документарниот филм Сараево сафари на словенечкиот режисер Миран Жупанич.

Се очекува обвинителството во Милано јавноста да ја информира за резултатите од истрагата во март оваа година. Доколку биде подигнато обвинение и се докаже вината на осомничените, тоа ќе биде прв случај во Европа некој пред суд да одговара за снајперски убиства на цивили во Сараево.

Додека се чека исходот од истрагата во Италија, и правосудството на Босна и Херцеговина ги проверува наводите, но до денес ниту еден снајперист не е процесиран за убиствата на цивили, а особено на деца, во Сараево.

За време на војната од 1992 до крајот на 1995 година, странски новинари и фоторепортери повремено престојувале на позициите на српските сили околу градот. Радио Слободна Европа контактирала некои од нив, но никој не можел да потврди дека лично видел странец кој платил за да пука врз градот.

За време на речиси четиригодишната опсада на Сараево, според податоците на здруженијата на жртви и пресудите на меѓународните судови, секое десетто дете убиено во градот загинало од снајперски истрел. Ранети се повеќе од 14.000 деца.

И покрај тоа, ниту еден снајперист до денес не одговарал по лична одговорност, ниту пред домашните, ниту пред меѓународните судови. Хашкиот суд во пресудите против највисоките функционери на Република Српска заклучи дека снајперската кампања имала една цел – „тероризирање на цивилите во Сараево“.

Текстот Италија ги истражува „викенд-снајперистите“, Сараево се приклучува на постапката е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top