Американските царини од 30 проценти за стоки од Европската Унија би можеле да го намалат БДП-то на Италија за 0,8 проценти во 2027 година, предупреди здружението Конфиндустрија.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, се закани дека ќе воведе царини од 30 проценти за увоз на стоки од ЕУ на 1 август, предупредувајќи на „цврстата“ позиција на Брисел во преговорите за трговија.
Министерот за трговија, Хауард Лутник, изјави во неделата дека има „доволно простор за маневрирање“ за договор со европските земји.
Доколку САД навистина ги воведат, вредноста на италијанскиот БДП би можела да се намали за 0,25 проценти оваа година, и за 0,59 проценти во 2026 година и за 0,8 проценти во 2027 година, под услов ЕУ да не возврати со контрамерки, пресмета Конфиндустрија.
Брисел веќе подготви пакет мерки што предвидуваат царини за увоз на американска стока во вредност од 21 милијарда евра, но го одложи нивното усвојување до 6 август. Тие сè уште не постигнале договор за дополнителни контрамерки што би го опфатиле американскиот увоз во вредност од 72 милијарди евра, забележува Ројтерс.
Проценката на консултантската фирма EY е уште помрачна и покажува дека американските царини од 30 проценти би го намалиле БДП на Италија за 1,4 проценти во периодот 2025-2026 година, при што економската активност ќе стагнира.
Пред една недела, шефот на Конфиндустрија, Емануеле Орсини, предупреди дека извозот на ЕУ во САД веќе страда поради зајакнувањето на еврото во однос на доларот и може да толерира само нулта царинска стапка.
Доларот, од сите светски валути, најмногу ослабе во однос на еврото, нагласи Орсини, предупредувајќи дека во наредните месеци, според пресметките на здружението на италијанската индустрија, доларот би можел да биде во минус во однос на заедничката европска валута за дури 20 проценти.
Според него, со воведувањето царини, работите целосно би излегле од контрола бидејќи поевтиниот долар сам по себе е еден вид „највисока царина“ што првично ја става Европа во полоша позиција.
Зголемувањето на царинската стапка од страна на Америка за еден процентен поен би значело загуба од 874 милиони евра за италијанските извозници, пресмета Конфиндустрија, без да прецизира во кој временски период.
Минатата година, ЕУ забележа трговски суфицит со САД од приближно 200 милијарди евра, според податоците на Евростат. Убедливо најголем извозник беше Германија со вредност на испорачаната стока од 161 милијарда евра. На второ место е Ирска со 72 милијарди евра, а на трето место е Италија со 65 милијарди евра.
Италија главно извезува машини, фармацевтски производи, автомобили и прехранбени производи како што се маслиново масло, тестенини, сирење и вино во САД.
Текстот Италија е меѓу најизложените членки на ЕУ на американските царини е превземен од МАКФАКС.