Италија привремено го суспендираше Шенген со Шпанија поради мигрантите, Тајани вели дека мерката е неопходна за безбедноста на граѓаните

Италија привремено го суспендираше Шенген со Шпанија поради мигрантите, Тајани вели дека мерката е неопходна за безбедноста на граѓаните

пред 4 часа

Италијанската влада ја суспендираше примената на шенгенскиот режим на слободно движење во односите со Шпанија, како одговор на масовниот влез на мигранти во шпанската енклава Сеута, соопшти италијанското Министерство за внатрешни работи.

Со одлуката се воведуваат привремени контроли на воздушниот и поморскиот сообраќај меѓу двете земји. Иако Италија и Шпанија немаат заедничка копнена граница, како членки на шенгенскиот простор вообичаено овозможуваат слободно патување без гранични проверки.

Министерството за внатрешни работи на Италија соопшти и дека со Франција е договорено зајакнување на контролите долж француско-италијанската копнена граница.

Според италијанската новинска агенција АНСА, одлуката била донесена по состанок на Комитетот за имиграција и безбедност на границите, со кој претседавал министерот за внатрешни работи Матео Пјантедози. Засега не се објавени дополнителни детали за времетраењето и начинот на спроведување на мерката.

Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани ја потврди одлуката, оценувајќи дека станува збор за привремена мерка предвидена со европските договори.

„Привремената суспензија на Шенген со Шпанија е неопходен избор за заштита на безбедноста на нашите граѓани и одбрана на европските граници“, напиша Тајани на социјалната мрежа Икс.

Тој додаде дека мигрантската криза во Сеута покажува дека управувањето со надворешните граници е заедничка одговорност на сите земји-членки на Европската Унија.

„Мораме да работиме заедно за да ги спречиме неконтролираните миграциски текови кон територијата на Европската Унија, заедно со сите безбедносни ризици и заканата од тероризам“, порача Тајани.

Шенгенскиот договор е потпишан во 1985 година, а денес ги опфаќа речиси сите земји-членки на Европската Унија.

Текстот Италија привремено го суспендираше Шенген со Шпанија поради мигрантите, Тајани вели дека мерката е неопходна за безбедноста на граѓаните е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top