Казахстанскиот претседател: Покрената е антитерористичка операција

пред 2 години

Казахстанскиот претседател Касим Џомарт Токаев тврди дека уставниот поредок во голема мера е воспоставен во оваа централноазиска држава која неделава е погодена од немири, соопшти неговиот кабинет.

Министерството за внатрешни работи на Казахстан во посебно соопштение соопшти дека 26 вооружени криминалци се убиени, а повеќе од 3.000 се приведени, додека од почетокот на протестите биле убиени 18 полицајци и припадници на Националната гарда.

„Покрената е антитерористичка операција. Силите на редот и законот работат напорно. Уставниот поредок е во голема мерка вратен во сите региони на земјата“, порача Токаев.

„Локалните власти ја контролираат ситуацијата. Но терористите продолжуваат да користат оружје и да го оштетуваат имотот на граѓаните. Затоа, антитерористичките акции треба да продолжат сè додека милитантите не бидат целосно елиминирани“, додаде тој.

Русија вчера испрати падобранци за да помогнат во задушувањето на бунтот во една од за Москва најблиските поранешни советски членки, како дел од безбедносниот блок ОДКБ предводен од Русија.

Утрово дописниците на „Ројтерс“ пренесоа за вооружени оклопни возила и војници на главниот плоштад во Аламати, најголемиот град во Казахстан, каде силите пукаа врз демонстрантите еден ден претходно.

Неколку метри подалеку, дописниците на Ројтерс виделе мртво тело во тешко оштетен цивилен автомобил. Во друг дел од градот, забележале ограбена продавница во која се продавала муниција и воени возила и околу 100 луѓе во униформи на друг плоштад во Аламати.

Токаев денеска ќе ѝ се обрати на нацијата, соопшти неговата администрација, и ќе им каже на луѓето во Аламати да го ограничат своето движење низ градот додека „трае потрагата по бандитите кои се кријат“.

Вакво насилство е невидено во земја со која од советско време цврсто владее лидерот Нурсултан Назарбаев, кој продолжи да владее и покрај тоа што се повлече од претседателската функција пред три години, со Токаев како негов наследник.

Share
Scroll to Top