Европската Унија мора да го забрза процесот на прифаќање нови членови и да го прошири својот клуб, кој моментално брои 27 земји, изјави највисоката дипломатка на блокот, Каја Калас, осврнувајќи се на Украина, Црна Гора и другите земји-кандидатки.
„Проширувањето сè уште мора да се базира на заслуги, но во сегашните околности мора да го забрзаме темпото“, рече Калас на годишната конференција на дипломати на ЕУ во Брисел, додавајќи дека проширувањето е „противотров на рускиот империјализам и знак дека најамбициозниот мултилатерален проект во историјата, Европската Унија, преживува“, пишува „Политико“.
Повикот на Каја Калас за побрза интеграција на земјите-кандидатки доаѓа во време на напнати дискусии меѓу Европската комисија, која се залага за брзо проширување, и земјите-членки кои поддржуваат постепен пристап.
На вечера минатата недела, на која присуствуваше шефот на кабинетот на претседателот на Европската комисија, Бјерн Зајберт, амбасадорите на земјите-членки ја отфрлија можноста за прием на нови членки со ограничени привилегии.
Зборовите на Калас силно ја поддржуваат идејата дека проширувањето не е само бирократски процес во кој кандидатите ги исполнуваат критериумите, туку и геополитички избор, како што претходно нагласи претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.
„Проширувањето е опишано како најуспешна надворешна политика на Унијата, која проширува област на стабилност, мир и просперитет“, рече Калас, повикувајќи се на податоците од Евробарометарот кои покажуваат широка јавна поддршка за процесот. Но, таа додаде: „Од нас зависи да продолжиме да ја промовираме приказната за проширувањето“.
Висок дипломат на ЕУ, кој зборуваше под услов да остане анонимен, рече дека земјите-членки ќе сторат сè што можат за да го одржат процесот на проширување на вистинскиот пат, и покрај несогласувањата меѓу Советот и Комисијата.
Во тек се подготовки за следните три претседателства на Советот на ЕУ кои ќе се фокусираат на добредојде на нови членки, со цел преговорите со Украина да се завршат до крајот на 2027 година, иако потпишувањето на договор за пристапување би можело да потрае подолго.
Сепак, можноста за јавна дебата за членството на Украина ги загрижува некои лидери на ЕУ. Тие стравуваат дека тоа би можело да им даде муниција на крајно десничарските партии пред изборите следната година во Франција, Финска и на други места. „Потребен е политички наратив за Украина“, заклучи високиот дипломат.
Текстот Каја Калас: ЕУ мора да го забрза процесот на проширување, тоа е противотров на рускиот империјализам е превземен од МАКФАКС.






