Кај Тунис потона брод со 750 тони дизел

пред 3 години

Товарен брод со 750 тони дизел на пат од Египет кон Малта потона денеска кај југоисточниот брег на Тунис, но засега нема истекување гориво, изјави портпаролот на локалниот суд Мохамед Кари.

„Бродот потона утрово во територијалните води на Тунис. Засега нема истекување гориво“, рече Кари. Додаде дека комисијата за спречување катастрофи ќе се состане и ќе одлучи какви мерки да преземе.

Бродот, изграден во 1977 година со знаме на Екваторијална Гвинеја, исплови од египетското пристаниште Дамиета за Малта. На околу седум километри од заливот Габеш, водата почнала да навлегува во бродот и машинската соба набрзо била поплавена бидејќи нивото на водата достигнало два метра.

Туниските власти евакуираа седум членови на екипажот, грузијскиот капетан на бродот, четворица турски морнари и двајца од Азербејџан. Екипажот накратко бил хоспитализиран, а потоа сместен во хотел.

Министерството за животна средина предупреди дека постои ризик од истекување на гориво во морето и дека министерствата за одбрана, внатрешни работи, транспорт и царина работат на спречување на можна поморска, еколошка катастрофа во областа.

Share
Scroll to Top