Ким Џонг-ун се подготвува да лансира  шпионски сателит: jaпонските разурнувачи во состојба на готовност

Ким Џонг-ун се подготвува да лансира шпионски сателит: jaпонските разурнувачи во состојба на готовност

пред 5 месеци

Северна Кореја ја извести Јапонија дека планира да лансира сателит помеѓу 22 ноември и 1 декември, што според Токио и Сеул би можело да биде трет обид да се стави шпионски сателит во орбитата. Јапонската крајбрежна стража денеска соопшти дека Северна Кореја испратила известување за лансирање во правец на Жолтото и Источното Кинеско Море.

Националната агенција за поморска безбедност на Јужна Кореја издаде предупредување до бродовите за планираното лансирање за истите области како и во случајот со претходните лансирања. На почетокот на оваа година, Северна Кореја веќе двапати се обиде да лансира, како што вели, „шпионски сателити“, но без успех. Јужнокорејските власти во последните денови предупредија дека се чини дека наскоро ќе се обидат повторно.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида ги осуди плановите и рече дека одбранбените системи на неговата земја, вклучително и разурнувачите „Егис“ и ракетите за воздушна одбрана PAC-3, се подготвени за секоја „неочекувана ситуација“.

„Дури и ако целта е да се лансира сателит, употребата на технологија за балистички проектили е кршење на голем број резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации“, изјави Кишида за новинарите. „Тоа е исто така прашање што во голема мера влијае на националната безбедност“, додаде тој.

Јапонија ќе соработува со САД, Јужна Кореја и други за да ја убеди Северна Кореја да не продолжува со лансирањето, рече Кишида. Јужнокорејското Министерство за одбрана соопшти дека го набљудува планираното лансирање на Северна Кореја.

Пјонгјанг смета дека нејзините вселенски и воени ракетни програми се суверено право и планира да има флота од сателити за следење на движењата на американските и јужнокорејските сили. Зајакнувањето на воената моќ е суверено право на Северна Кореја и е одговор на системот за вселенски надзор предводен од САД, објави во вторникот државниот медиум „KCNA.

Аналитичарите велат дека шпионските сателити се клучни за надградбата на оружјето на Северна Кореја.

Ова е прво лансирање од септември, кога севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун го обиколи рускиот космодром, каде што рускиот претседател Владимир Путин вети дека ќе му помогне на Пјонгјанг да изгради сателит. Јужна Кореја посебно планира да го лансира својот прв извидувачки сателит на 30 ноември од Калифорнија со помош на САД.

Текстот Ким Џонг-ун се подготвува да лансира шпионски сателит: jaпонските разурнувачи во состојба на готовност е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top