Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун ѝ подари луксузна куќа на својата омилена водителка на државната телевизија. Станува збор за Ри Чун-хи, еден од најпознатите гласови на Северна Кореја, која со децении најавува важни настани во земјата.
Во таа прилика, Џонг-ун ја замоли презентерката да продолжи да ѝ служи на земјата како глас на неговата Работничка партија.
„Џонг-ун рече дека не смее да се штеди на богатствата на земјата како што е презентерката која повеќе од 50 години, уште како девојче била глас на револуцијата. Тој додаде дека очекува Чун-хи да продолжи енергично да ја врши својата работа, во добра здравствена состојба, како што доликува на партиските портпароли“, објави Централната корејска новинска агенција (КЦНА), а пренесе АП.
Ким се сретнал со Ри во средата во Пјонгјанг за време на свеченото отворање на новоизградената станбена област покрај реката. КЦНА наведува дека куќите во таа населба ќе им бидат распределени на истакнати државни службеници, како Ри.
В петок е 110-тиот роденден на починатиот дедо на Ким и основач на државата, Ким Ил-сунг. Ова е најважната државна годишнина во Северна Кореја, со која сукцесивно владеат три генерации на семејството Ким од нејзиното основање во 1948 година. Новата станбена област е во местото каде до 70-тите се наоѓала официјалната резиденција на Ким Ил-сунг.