Кинескиот парламент ќе разгледа закон за казнување на родителите доколку нивните деца се однесуваат многу лошо или направат кривично дело.
Според новиот предлог закон за семејно воспитување, во случај на многу лошо или криминално однесување на децата, нивните родители ќе добијат предупредување и ќе треба да поминат низ програми за семејно образование.
„Има многу причини зошто адолесцентите се однесуваат лошо, но главната причина е несоодветното семејно воспитување“, вели Жанг Тијевеј, портпарол на Законодавно-правната комисија на Националниот народен конгрес (НПЦ).
Предлог-законот, кој ќе се дискутира на состанок на комисијата оваа недела, исто така ги повикува родителите да им овозможат на своите деца време за одмор, играње и вежбање, пишува „Ројтерс“.
Оваа година, Кина започна жестока борба против зависноста на младите од онлајн игри. Така, во текот на изминатите неколку месеци, кинеското Министерство за образование го ограничи времето за играње на видеоигри на интернет на само еден час во петок, сабота и недела.
Властите, исто така, загрижени поради големиот образовен товар за децата, го намалија обемот на домашни задачи и забранија вон-наставни активности по главните школски предмети за време на викендите и празниците.
Во исто време, тие ги повикаа младите кинески момчиња да бидат помалку „женствени“ односно „помажествени“, a училиштата да промовираат повеќе спортски активности, како што е фудбалот.