Кина денес повторно воведе контрола на патувањето поради коронавирус во нејзината јужна провинција Гуангдонг.
Сите оние кои го напуштаат регионот мора да бидат тестирани за коронавирус по наглиот пораст на новозаразени лица што ги алармира властите.
Гуангдонг, кој се граничи со Хонгконг, во последните 24 часа евидентира 20 нови случаи на коронавирус, а сите се добиени локално.
Бројот на новозаразени во Гуангдонг е мал во споредба со многу места во светот, но зголемувањето ги „потресе“ кинеските лидери кои сметаа дека ја имаат оваа болест под контрола, објави АП.
Луѓето кои заминуваат од Гуангдонг со авион, воз, автобус или приватен автомобил, од денес мора да ги покажат резултатите од тестот за нуклеинска киселина во изминатите 72 часа, објави покраинската влада.
Владата на главниот град на провинцијата, Гуангжу, деловен центар во кој живеат 15 милиони луѓе, нареди масовно тестирање откако беа регистрирани локално добиени инфекции на 21 мај.
Минатата среда биле тестирани 700.000 луѓе.