Командант на НАТО: Ги преценивме шансите на Украина

Командант на НАТО: Ги преценивме шансите на Украина

пред 9 месеци

Западот во голема мера ги прецени шансите на Украина да напредува на бојното поле против Русија минатата година, тврди адмиралот Роб Бауер, главниот командант на НАТО. Неговите оценки за ситуацијата на теренот следеа по неуспешната контраофанзива на Киев и неодамнешното губење на стратешкиот град Авдејевка.

Во интервју за „Фајненшл тајмс“, адмирал Бауер, кој претседава со Воениот комитет на НАТО, призна дека западните сили биле „премногу оптимисти за војната во 2023 година“. Очигледно, се мислеше на амбициозните планови на Киев да ја пробие руската одбрана и да стигне до полуостровот Крим, кои не се реализираа.

Бауер, кој беше на чело на холандските вооружени сили меѓу 2017 и 2021 година, вели дека Западот верувал дека „ако им ја дадат на Украинците потребната муниција и обука, тие ќе победат“.

Во исто време, тој предупредува дека не сака да биде „премногу песимист за 2024 година“, наведувајќи дека и покрај неодамнешните неуспеси, Украина останува суверена нација.

Неговите изјави уследија по минатонеделната Минхенска безбедносна конференција, која главно се занимаваше со воената ситуација во Украина.

Овогодинешниот настан бил сосема поинаков од оној во 2023 година, наведува „Фајненшл тајмс“ со оценка дека „оптимизмот се претворил во континуиран мрак“, отежнат со сознанието дека на Киев итно му требаат големи испораки на муниција, која Западот се бори да ја обезбеди.

Весникот „Политико“ во неделата објави дека неколку официјални лица ја искористиле конференцијата за да инсистираат дека Украина ќе го загуби конфликтот доколку САД не одобрат дополнителни 60 милијарди долари помош. Оваа мерка со месеци ја блокираа републиканците во Конгресот, барајќи да се зајакне безбедноста на јужната граница на САД со Мексико.

Според весникот, официјалните лица „звучеле далеку од сигурно како би можела да изгледа победата на Украина“, дури и со обновената американска помош.

Засега, планот на Западот е едноставно „да спречи колапс на украинската армија“, пишуваат медиумите.

Стравувањата на Западот од потенцијалниот пораз на Киев повторно се разгореа откако неговата летна контраофанзива не успеа да ги пробие руските линии, и покрај тоа што украинската војска беше засилена со огромни количества странска опрема.

Руското Министерство за одбрана ги процени загубите на Киев на повеќе од 215.000 лица само во 2023 година.

Украинците претрпеа нов тежок пораз минатата недела, руските војници го зазедоа утврдениот град Авдеевка во Донбас. Според руското Министерство за одбрана, украинските војници хаотично се повлекле, претрпувајќи големи загуби.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски инсистираше на тоа дека повлекувањето е „апсолутно логично“ и дека се обидува да избегне големи жртви.

Текстот Командант на НАТО: Ги преценивме шансите на Украина е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top