Главната цел на специјалната воена операција, како што Москва ја нарекува инвазијата на Украина, е уништување на националистичките баталјони во Украина, изјави денеска портпаролот на Путин, Дмитриј Песков.
„Главната цел е ослободување на Украина од националистичките баталјони. Операцијата продолжува, поставените задачи се добро познати. Тие мора да се завршат и ќе се завршат, нема сомнеж во тоа“, рече Песков.
Портпаролот на Путин додаде дека веќе се воспоставува мирен живот во областите каде милитантите не земаат цивили како заложници и не пукаат во куќите.
„Што се однесува до местата каде националистичките баталјони прават такви работи, се водат жестоки битки. Тие ќе бидат уништени“, додаде Песков.
Ова е првпат Кремљ да објави дека главната цел на војната во Украина е уништување на националистички баталјони.
Кога рускиот претседател Владимир Путин го најави започнувањето на инвазијата, рече дека главните цели се демилитаризација и денацификација на Украина, а потоа Кремљ, кога стана јасно дека руските сили наидоа на силен отпор во близина на Киев, објави дека главна цел на војната е ослободување на Донбас, областа во источна Украина каде што се наоѓаат двата проруски сепаратистички региона, Доњецк и Луганск.