Лавров: САД не одговараат на најважното прашање – ширењето на НАТО кон исток

пред 2 години

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека содржината на американскиот одговор на рускиот предлог за безбедносни гаранции овозможува сериозен разговор, но за споредни теми.

Лавров вели дека САД не одговориле на најважното прашање во документот што вчера го доставиле до Москва – за непроширувањето на НАТО кон исток.

„Нема позитивна реакција за главното прашање во тој документ, а главното прашање е нашата јасна позиција за недозволивоста за натамошното проширување на НАТО кон исток и распоредување на офанзивно оружје што може да ја загрози територијата на Руската Федерација“, изјави Лавров за новинарите.

Шефот на руската дипломатија кажа дека Москва ќе се фокусира на објаснување на, како што рече, лукавиот однос на САД во однос на прашањето за непроширување на НАТО и неделивост на безбедноста.

Лавров изјави и дека Русија го проучува одговорот на САД и додаде дека во блиска иднина ќе се знае содржината на тој документ. Министерот посочи дека САД побарале документот да остане во доверлив дипломатски дијалог, но дека тој е усогласен со сите сојузници на САД и со украинската страна.

„Затоа, не се сомневам дека ќе ‘протече’ во многу блиска иднина“, кажа тој.

Вчера САД и НАТО ѝ ги предадоа на Русија одговорите за нацрт-договорите за безбедносни гаранции, кои Москва им ги испрати кон крајот на минатата година.

Share
Scroll to Top