Лајчак пред посетата на Белград и Приштина: Не доаѓам со ултиматум

пред 3 години

Јас не доаѓам во Белград со ултиматум, вели специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.

„Не е тајна дека ЕУ очекува продолжување на дијалогот и дека и за Белград и за Приштина дијалогот е неизбежен на европскиот пат. ЕУ е тука, подготвени сме да донесеме двајца лидери во Брисел и сега се поставува прашањето кога тоа ќе се случи. Сакам да го слушнам одговорот на тоа за време на посетата “, рече Лајчак.

Во врска со најавите на медиумите дека тој доаѓа во Белград со таканаречениот „нон-пејпер“ што содржи еден вид ултиматум за српските власти, Лајчак вели дека секогаш се појавувале „шпекулации и големи очекувања“ пред неговото доаѓање.

„ЕУ не работи на принципот на ултиматуми. Тука сме да помогнеме. Целта на дијалогот е да се поддржат и Белград и Приштина и да се приближи европската иднина до целиот регион“, вели тој.

На прашањето како ЕУ, како главен посредник во дијалогот меѓу Белград и Приштина, гледа на американското инсистирање на „меѓусебно признавање“, Лајчак рече дека целта на дијалогот е нормализирање на односите и дека Белград и Приштина се страни кои треба да се согласуваат „што е нормализација и што е нормално“.

„ Мислам дека одговорот на тоа прашање не е премногу тежок“, рече Лајчак.

Тој повтори дека сè уште стои зад проценката дека е можно да се постигне конечен и сеопфатен договор меѓу Белград и Приштина „во рок од неколку месеци“, но исто така нагласи дека ЕУ нема да биде таа што „ќе одлучи кога ќе биде“ и дека тоа е друга одлука што директно зависи од подготвеноста и желбата на Белград и Приштина.

Share
Scroll to Top