Лидерите на НАТО утре ќе разговараат за војната меѓу Русија и Украина

пред 3 години

Лидерите на 30-те земји членки на Организацијата на Северноатлантскиот договор (НАТО) ќе се сретнат утре во Брисел за да разговараат за ситуацијата по рускиот напад врз Украина и долгорочната позиција на НАТО во Источна Европа, јавува Анадолија.

Самитот ќе се одржи во седиштето на НАТО, а пред лидерите се очекува да се обрати и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој според најавите ќе побара прогласување зона на забранети летови во Украина со набавка на систем за противвоздушна одбрана.

Тоа ќе биде вонреден самит, кој пред две недели го најави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

– Ќе разговараме за последиците од руската инвазија на Украина, за нашата силна поддршка за Украина и за натамошно зајакнување на одбраната на НАТО пред новата реалност на нашата безбедност – рече Столтенберг.

НАТО почна да го зголемува своето воено присуство во Источна Европа во ноември минатата година, како одговор на трупањето руски војници на границите на Украина. Тој процес на зајакнување на присуството на НАТО дополнително се засили по 24 февруари и почетокот на рускиот напад врз Украина.

Борбените единици на НАТО се распоредени во балтичките земји, како и во Романија, каде досега не биле.

Според информациите на Столтенберг пред две недели, како дел од мерките преземени против Русија, 130 авиони на НАТО се во состојба на готовност, 200 бродови од далечниот север до Медитеранот и илјадници дополнителни војници се во и во близина на Источна Европа.

За прв пат во својата историја, НАТО ги мобилизираше и Силите за брза реакција.

Министрите за одбрана на НАТО одржаа вонреден состанок на 16-ти март за да се подготват за утрешниот самит на лидерите, вклучително и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и американскиот претседател Џо Бајден.

Share
Scroll to Top