Лукашенко контра САД – следува одговор на воведените санкции

пред 3 години

Белорусија денеска најави возвратни мерки против Вашингтон, кои предвидуваат намалување на американскиот дипломатски персонал во земјата, откако стапија на сила новите американски санкции против Минск.

„Не можеме да го игнорираме овој непријателски потег“, рече портпаролот на белоруското Министерство за надворешни работи, Анатолиј Глаз, во изјавата по стапувањето во сила на американските економски санкции против девет белоруски државни компании.

Како што се наведува во соопштението, контра-мерките вклучуваат намалување на дипломатскиот, административниот и техничкиот персонал на американската амбасада во Минск и заострување на постапката за издавање на белоруски визи.

Белорусија исто така ја повлече лиценцата за работа на нејзина територија за американската Агенција за меѓународен развој (УСАИД).

Американските санкиции против девет белоруски државни компании повторно беа воведени во април по задушувањето на демократските протести во Белорусија.

По спорните избори во 2006 година, Вашингтон ги забрани сите трансакции со тие компании. Министерството за финансии на САД потоа ги укина санкциите во 2015 година и го поздрави извесниот напредок, но американската влада кон крајот на март предупреди дека суспензијата на мерките нема да биде обновена.

„Ова се нелегитимни дејствија спротивни на меѓународното право и нивната цел е да извршат притисок врз суверена држава“, критикуваше Глаз додавајќи дека мерките ќе влијаат на обичните белоруски граѓани.

Минатата недела Вашингтон објави дека со Европската унија работи на дополнителни санкции против Белорусија по присилното пренасочување на авионот на „Рајанер“ кон Минск и апсењето на опозициски активист кој беше на тој лет.

Share
Scroll to Top