Лукашенко со Путин во Москва: Вооружените сили ќе останат колку што е потребно

пред 2 години

Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска пристигна во Москва на разговори со неговиот руски колега Владимир Путин, кои би можеле да одредат колку долго ќе трае руското воено присуство во поранешната советска република, која граничи со Украина на север.

Руските воени вежби во Белорусија треба да траат до недела и ги продлабочија стравувањата на Западот дека Москва подготвува напад врз Украина, која граничи со двете земји.

Русија отфрла дека планира да изврши инвазија, а и Минск и Москва тврдат дека руските единици, распоредени во најголем број во Белорусија од Студената војна, ќе се повлечат кога ќе завршат маневрите.

Сепак, пораките на Лукашенко сугерираат дека руските трупи всушност би можеле да останат подолго.

– Каква одлука и да донесете утре, така ќе биде – изјави вчера Лукашенко.

– Доколку одлучиме, ќе ги повлечеме во рок од 24 часа. Ако решиме еден месец, тогаш ќе остане еден месец. Вооружените сили ќе останат колку што е потребно – рече белорускиот претседател.

Тој додаде дека Москва и Минск одлучиле да остават оружје во Белорусија и дека Минск може да купи воена опрема од Русија или тоа едноставно ќе биде руски подарок.

Воените вежби покажуваат дека Москва ја стегна контролата врз Минск.

Лукашенко дури рече дека нуклеарното и уште понапредно оружје може да биде распоредено во Белорусија доколку се соочи со какви било надворешни закани.

– Доколку нашите противници преземат такви апсурдни чекори, не само нуклеарно, туку и понапредно оружје ќе биде распоредено во Белорусија со цел да се заштити нашата територија. Ако нема да има закани од непријателските земји, тогаш тука не ни треба нуклеарно оружје – рече Лукашенко.

Френк Виачорка, советник на белоруската опозициска лидерка Светлана Тихановска, го опиша Лукашенко како московски вазал.

– Гледаме како Лукашенко го предава белорускиот суверенитет – напиша Виачорка на Фејсбук, пренесува Хина.

Share
Scroll to Top