МААЕ: Заштитната структура на Чернобил е тешко оштетена

МААЕ: Заштитната структура на Чернобил е тешко оштетена

пред 3 часа

Заштитната структура на напуштената нуклеарна електрана Чернобил, која треба да го спречува ширењето на радиоактивен материјал, повеќе не може да ја извршува својата безбедносна функција поради штетата предизвикана од напад со дрон на почетокот на годината, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Инспекцијата на заштитната структура што МААЕ ја спроведе минатата недела покажала дека нападот со дрон во февруари предизвикал пропаѓање на конструкцијата, објави агенцијата на ОН.

Во мисијата е потврдено дека заштитната структура ги загубила „примарните заштитни функции“, вклучувајќи го и задржувањето на радиоактивниот материјал, но дека на носечката конструкција и на контролните системи нема трајна штета, се наведува во соопштението.

Веќе се извршени привремени поправки на покривот, изјави директорот на агенцијата Рафаел Гроси, нагласувајќи дека за спречување на понатамошно пропаѓање и обезбедување долгорочна нуклеарна безбедност е неопходно да се спроведе сеопфатна обнова.

Врз основа на истрагата, МААЕ препорачува понатамошна обнова и заштита на структурата, како и ажурирање на системите за следење на влага и корозија и други надзорни програми, се наведува во соопштението.

На 14 февруари дрон ја пробил надворешната обвивка на заштитната структура и предизвикал пожар. Украинските власти тогаш соопштија дека нападот го извела Русија, а Москва го демантираше тоа.

Заштитната структура е поставена во 2019 година околу реакторот број 4, кој експлодираше во нуклеарната катастрофа во 1986 година, со цел да се спречи понатамошно истекување на радијација во околината.

По нападот со дрон, радијацијата останала на нормално и стабилно ниво и немало извештаи за нејзино истекување, соопштиja ОН во февруари.

Несреќата во Чернобил се случи во април 1986 година. Советските инженери околу реакторот поставија саркофаг, кој подоцна беше заменет со нова структура. Преостанатите три реактори постепено беа исклучени, а последниот престана со работа во 2000 година.

Руските сили накратко ја окупираа нуклеарната електрана на почетокот на инвазијата на Украина во 2022 година.

МААЕ во Чернобил има постојан тим експерти и ќе продолжи да прави сè што е во нејзина моќ за да го поддржи повторното воспоставување целосна нуклеарна безбедност во Чернобил, нагласи шефот на агенцијата на ОН.

Истовремено со инспекцијата во Чернобил, МААЕ спроведе и истражување на штетата на електричните трафостаници низ Украина.

Текстот МААЕ: Заштитната структура на Чернобил е тешко оштетена е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top