Францускиот претседател Емануел Макрон го предупреди својот руски колега Владимир Путин дека „чесниот дијалог не е компатибилен со воената ескалација“ на украинската граница, соопшти Елисејската палата по телефонскиот разговор меѓу шефовите на двете држави попладнево. Разговорот траеше речиси два часа.
Двајцата претседатели изразија желба да го продолжат дијалогот за начините за подобрување на спроведувањето на договорот од Минск за Донбас и за условите за безбедност и стабилност во Европа, се вели во соопштението на француското претседателство.
„Францускиот претседател на Путин му пренесе изрази на загриженост од неговите европски партнери и сојузници“, се вели во соопштението.
САД вчера објавија дека руската инвазија на Украина може да се случи во секое време. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги нарече обвинувањата – провокација.
Се очекува денеска американскиот претседател Џо Бајден и Путин да разговараат за ситуацијата во Украина. Денешниот разговор меѓу Макрон и Путин е продолжение на нивниот петчасовен разговор лице в лице во понеделникот во Кремљ. После тоа, Макрон во вторникот отпатува за Киев, каде разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а потоа отпатува за Берлин на разговори.
Елисејската палата соопшти дека дипломатската турнеја на Макрон ја постигнала својата цел, дозволувајќи му да продолжи напред во обид да ги намали тензиите меѓу Русија и Украина. Американскиот државен секретар Антони Блинкен во саботата изјави дека дипломатскиот канал останува „отворен“ за да се избегне конфликт во Украина, но дека ќе побара од Москва да ја деескалира ситуацијата.
Во исто време, Пентагон нареди повлекување од Украина на 160 американски војници од Националната гарда кои ги обучуваа украинските воени сили.
Сергеј Лавров ги опиша обвинувањата на Вашингтон како „провокации“, а украинскиот претседател во саботата рече дека предупредувањата за руската инвазија на Украина „предизвикуваат паника“ и најмногу му служат на непријателот и дека Киев инсистира на дипломатија.
Бројни западни земји побараа од своите граѓани да ја напуштат Украина, а Москва најави дека ќе го намали бројот на членовите на својот дипломатски персонал во таа земја, наведувајќи ги можните провокации од Западот или од Киев.