Маринец од опколената фабрика: Мариупол наскоро би можел да падне

пред 2 години

Украински маринец од опколената фабрика за челик Азовстал во кратко интервју за „Скај њуз“ изјави дека руските сили кои ја опколиле челичарницата биле 10 пати побројни од бранителите.

Мајорот Сергеј Волина, кој ја презеде улогата на портпарол на неговата единица, рече дека условите во фабриката за челик се ужасни, но инсистираше на тоа дека моралот и понатаму е висок.

„Моралот на борците што го бранат Мариупол е сè уште висок. Се бориме. Јасно е дека имаме многу мртви и ранети“, рече Волина.

„На повеќе од 500 борци им е потребна медицинска помош, што е невозможно да стигне овде. Тоа е подземно засолниште. Но, ние сè уште функционираме и продолжуваме да ги штитиме луѓето“, рече маринецот.

Русија со денови тврди дека е на прагот да ја преземе целосната контрола над Мариупол, но маринците и Азовскиот полк се уште не го дозволуваат тоа, пишува „Скај њуз“. Сите преостанати бранители на Мариупол се во фабриката за челик Азовстал.

„Што се однесува до руското тврдење дека наскоро ќе го преземе Мариупол, да, тоа е можно. Тоа е многу реално“, рече тој.

„Бројот на војниците на нивна страна е 10 пати поголем од нашата. Имаат и многу повеќе опрема, тенкови, артилерија, авијација“, изјави маринецот.

Запрашан за цивилите кои се кријат од руските напади во фабриката за челик Азовстал, маринецот рече: „Многу цивили се кријат во нашето засолниште. Меѓу нив има жени со деца и бебиња и им треба помош“.

Share
Scroll to Top