Поранешниот руски претседател и премиер Дмитри Медведев изјави дека секогаш ќе постои можност за конфликт меѓу неговата земја и Украина по завршувањето на сегашната војна, пишува „Њузвик“.
Медведев, кој во моментов е заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност, го напиша ова на својот канал на Телеграм.
Долгогодишниот близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин е познат по неговите запаливи изјави во кои често се заканува со нуклеарна војна. Само минатата недела Медведев предупреди дека Москва ќе ја нападне Украина со нуклеарно оружје доколку Киев нападне локации за лансирање на руска територија.
Сега напиша дека „постоењето на Украина е смртно опасно за Украинците“.
Медведев нагласи дека не зборува само за актуелниот политички режим што управува со земјата, туку за „секаква, апсолутно каква било форма на Украина“.
„Зошто? Постоењето на независна држава на историските руски територии сега ќе биде постојан изговор за продолжување на борбените операции“, рече Медведев, додавајќи дека без разлика кој е на чело на канцерогениот ентитет наречен Украина, тоа нема да му даде легитимитет на нивното владеење и правната одржливост на самата „држава“.
„Затоа, можноста за нова војна ќе биде присутна на неодредено време. Речиси секогаш. Згора на тоа, има 100 отсто шанси за нов конфликт без оглед на тоа какви безбедносни договори би можел да потпише Западот со марионетскиот режим во Киев“, продолжи тој.
За Медведев, заканата од идна војна нема да биде запрена дури и ако Украина влезе во Европската унија или НАТО.
„Може да избие нова војна за 10 или 50 години“, заклучи Медведев.
Текстот Медведев: Има 100% шанси за нова војна меѓу Украина и Русија е превземен од МАКФАКС.