Дмитриј Медведев, еден од најблиските сојузници на рускиот претседател Владимир Путин, денеска го предупреди НАТО дека Русија ќе инсталира хиперсонични ракети и нуклеарно оружје во ексклавата Калининград доколку Шведска и Финска се приклучат на западната алијанса.
Финска, која дели 1.300 километри долга граница со Русија, размислува за влез во НАТО, заедно со Шведска. Хелсинки ќе одлучи за тоа во следните неколку недели, изјави во средата финската премиерка Сана Марин.
Медведев, поранешен руски претседател и премиер, а сега заменик-претседател на Советот за безбедност, рече дека во случај на членство во НАТО на тие две земји, Русија ќе мора да ги зајакне своите копнени, морски и воздушни сили на Балтикот. Медведев директно зборуваше и за нуклеарна закана, велејќи дека повеќе не може да се зборува за Балтик без нуклеарно оружје. Русија излегува на Балтичкото Море во ексклавата Калининград, меѓу Полска и Литванија.
Сојузникот на Путин се надева дека Финска и Шведска ќе се откажат од своите аспирации за членство. Ако не, продолжи тој, ќе мора да живеат со нуклеарно оружје и хиперсонични ракети во нивното соседство. Русија има најголем арсенал на нуклеарни боеви глави во светот, а заедно со Кина и САД, е лидер во хиперсоничната ракетна технологија.
Литванија одговори дека заканите на Русија не се ништо ново и дека Москва донела нуклеарно оружје во Калининград многу пред нападот на Украина.
Доколку се оствари финското и шведското членство во НАТО, тоа ќе биде една од најголемите стратешки последици од војната во Украина.