Австралиските тинејџери под 16 години наскоро ќе ги изгубат своите профили на Инстаграм, Фејсбук и Тредс откако Мета почна да им испраќа известувања за затворање на сметките. Овој потег доаѓа пред националната забрана за социјалните медиуми за оваа возрасна група, објавува Би-Би-Си.
Мета, сопственикот на платформите, им кажа на корисниците за кои верува дека се на возраст меѓу 13 и 15 години дека нивните сметки ќе бидат деактивирани од 4 декември. Самата забрана стапува на сила во Австралија на 10 декември, а опфаќа и други популарни платформи како што се Тикток Јутјуб, Икс и Редит.
Премиерот Ентони Албанес рече дека целта на она што го нарече водечка забрана во светот е да им се дозволи на децата да бидат деца. Иако Мета и другите технолошки компании се противат на мерката, тие потврдија дека ќе се придржуваат кон неа.
Австралискиот интернет регулатор проценува дека забраната ќе влијае на околу 150.000 корисници на Фејсбук и 350.000 корисници на Инстаграм на возраст од 13 до 15 години. Платформите кои нема да преземат „разумни чекори“ за блокирање на пристапот за лица под 16 години се соочуваат со казни до 50 милиони австралиски долари (25 милиони фунти).
„Иако работиме напорно за да ги отстраниме сите корисници за кои веруваме дека се под 16 години до 10 декември, усогласеноста ќе биде тековен и повеќеслоен процес“, изјави за Ројтерс Фајненшл Антигон Дејвис, потпретседател и глобален раководител на безбедноста во Мета.
Тинејџерите кои веруваат дека се доволно возрасни за да користат Инстаграм, Фејсбук и Тредс ќе можат да го оспорат ограничувањето. Мета им нуди можност да ја потврдат својата возраст со правење „видео селфи“ што ќе се користи за скенирање на нивното лице или со обезбедување возачка дозвола или друг документ за идентификација издаден од владата. Пред да им се затворат сметките, корисниците можат да ги преземаат и зачувуваат своите објави, видеа и пораки.
фото: принтскрин
Текстот Мета ги деактивира профилите на лица под 16 години во Австралија е превземен од МАКФАКС.






