Милитантите Хути тврдат дека нападнале британски воен брод во Црвеното Море

Милитантите Хути тврдат дека нападнале британски воен брод во Црвеното Море

пред 7 месеци

Јеменската милитантна група Хути денеска објави дека истрелала неколку балистички ракети врз британскиот разурнувач ХМС Дајмонд, што британското Министерство за одбрана го демантираше.

Во соопштението на групата Хути се наведува дека нападот врз разурнувачот бил „прецизен“, но не се наведува дали е направена некаква штета.

„Овие наводи не се точни“, изјави портпаролот на британското Министерство за одбрана, негирајќи ги наводите за нападот, пренесе Ројтерс.

Според групата, погодени се и трговските бродови „Нордернеј“ и „Тавиши“, а на „Нордернеј“ избувнал пожар.

Нападите со ракети и беспилотни летала на јеменската група Хути во Црвеното Море и Аденскиот Залив започнаа во ноември минатата година и ја нарушија глобалната трговија.

Многу големи бродски компании ја избегнуваат областа и испраќаат бродови што пловат меѓу Азија и Европа на многу подолг пат околу јужна Африка, што ги зголеми трошоците за транспорт.

Хутите велат дека ги извршуваат нападите во знак на солидарност со Палестинците и го повикуваат Израел да ја прекине војната против Хамас во Газа.

Текстот Милитантите Хути тврдат дека нападнале британски воен брод во Црвеното Море е превземен од МАКФАКС.