Милитанти во Нигерија убиле најмалку 200 селани и ги сакателе телата на жртвите

пред 2 години

Најмалку 200 луѓе се убиени во напад на милитантни групи во северозападната нигериска држава Замфара.

Властите велат дека тоа е одговор на воените воздушни напади во кои загинаа повеќе од 100 милитанти во понеделникот. Вооружени лица влегувале во селата, палеле куќи и ги сакателе телата на жртвите.

Жител на едно село за „Ројтерс“ изјави дека милитантите пукале во кој и да видат.

Нигериската влада долго време е во судир со голем број локални криминални групи што ги нарече банди.

Властите посочија дека станува збор за криминална мрежа која дејствува на голема површина, која краде животни, киднапира за откуп и ги убива оние кои им се спротивставуваат, пишува Би-би-си.

Иди Муса, жител на друго село, за АФП изјавил дека напаѓачите украле и околу 2.000 говеда.

Во меѓувреме, локалните медиуми објавија дека вооружените групи ги напуштаат засолништата во шумските области поради владините напади.

Нигерискиот претседател Мухамаду Бухари во саботата изјави дека владата нема да попушти во борбата против милитантите.

„Владата нема да го препушти народот на Нигерија на судбината бидејќи ние сме порешителни од кога било да се ослободиме од овие одметници“, рече Бухари.

Share
Scroll to Top