Москва изненадена од оценката на Борел за неговата посета на Русија

пред 3 години

Русија е изненадена од оценката на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Јозеф Борел, за неговата посета на Москва бидејќи тие се разликуваат од неговите претходни изјави, изјавија од руското Министерство за надворешни работи за ТАСС.

„Бевме изненадени од проценката на Борел за резултатите од неговата посета бидејќи се спротивни на изјавите што ги даде на прес-конференција во Москва“, велат од руското МНР, коментирајќи ја изјавата на Борел на неговиот личен блог .

Според Министерството, Борел ги имал сите можности веднаш да даде лична оценка за својата посета на последната прес-конференција со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, и тоа беше сторено.

„Никој не го ограничи ниту временски ниту во форматот. Шефот за надворешна политика на ЕУ по пристигнувањето во Брисел можеби доби објаснување како да стави акцент, но во овој случај, тоа само докажува кој и како ги обликува политиките на ЕУ во реалноста“, наведува руското МНР.

Борел престојуваше во официјална посета на Русија помеѓу 4 и 6 февруари, а на 5 февруари имаше средба со рускиот министер за надворешни работи Лавров.

Тој во тоа време на Твитер објави дека имал отворени и искрени дебати за сите аспекти на односите Русија-ЕУ, од борбата против Ковид-19, глобалните климатски промени и ситуацијата со иранскиот нуклеарен договор до празнините во позициите за Украина, поддршката на Брисел за Навални и неговото мислење за руското протерување на европските дипломати, кои присуствуваа на неовластени протести во Русија.

Борел на својот личен блог вчера напиша дека врз основа на резултатите од неговата посета на Русија, Москва, според него, не е заинтересирана за подобрување на односите со Европската Унија.

Борел исто така изјави дека ЕУ може да воведе понатамошни санкции против Русија во врска со ситуацијата со опозицискиот блогер Алексеј Навални, применувајќи нов механизам на ограничувања за кршење на човековите права.

Предвидено е министрите за надворешни работи на ЕУ да се сретнат на 22 февруари за да одлучат што понатаму по посетата на Борел на Русија, во текот на која Кремљ го одби барањето на европските лидери за ослободување на Навални од притвор и протера тројца европски дипломати од Русија.

Одлуката за воведување санкции мора да се донесе едногласно по предлог на земја-членка. Борел не може да предложи ништо. Тој може да даде само препорака, што го направи во извештајот за својата посета.

„Се вратив во Брисел многу загрижен за иднината на руското општество и руските геостратешки одлуки. Мојата средба со министерот Лавров и пораките испратени од руските власти по повод таа посета потврдија дека Европа и Русија се оддалечуваат. Се чини дека Русија постепено се оддалечува од Европа и гледа на демократските вредности како на егзистенцијална закана“, нагласи Борел.

Share
Scroll to Top