Навални: Во затворот не ми даваат да спијам, навечер ме будат и по 8 пати

пред 4 години

Рускиот опозициски лидер, Алексеј Навални, тврди дека чуварите го мачат и не му дозволуваат да спие, па затоа се пожалил до управата на затворот.

„Чуварите не ми дозволуваат да спијам, тоа е де факто форма на тортура“, напишал Навални во писмото, додавајќи дека го будат и доосум пати во текот на ноќта. Тој бара да му биде пружена медицинска нега.

Неговите приврзаници предупредуваат дека неговото здравје од ден на ден се влошува.

Адвокатка, Олга Михајлова, вели дека Навални трпи силна болка во грбот и десната нога и дека таа стравува за неговиот живот. Потврди дека му е направена магнетна резонанца во јавна болница, но дека сè уште не му е одредена дијагноза. Навални во моментов добива само лекови и креми против воспаление, според изјавата на адвокатката Михајлова.

Навални беше уапсен во јануари штом се врати во Москва по петмесечното лекување во Германија, поради труење за кое ги обвинува официјалните власти. Против него се поднесени неколку обвиненија, за кои тој вели дека се политички мотивирани.

Во февруари, беше осуден на две и пол години затвор поради измама во 2014 година, по што беше однесен во затворот во Покров, на 100 километри од Москва. Неговото апсење предизвика големи протести низ целата земја, на што властите одговорија со повеќе од 11.000 апсења.

Share
Scroll to Top