Нагло расте бројот на инфекции и хоспитализации во Словенија, предупредуваат лекарите

пред 3 години

Бројот на нови инфекции и хоспитализации во Словенија нагло расте, а главните причини се недоволната вакцинација на лица над 50 години и фактот дека сега доминантната, делта варијанта на коронавирусот носи двојно поголем ризик од хоспитализација, рече инфектологот Татјана Лејко Жупанц.

„До неодамна, имавме стабилна состојба, а сега, за жал, голем раст и се подготвуваме да отвориме нови одделенија“, рече во изјава за медиумите директорката на Клиниката за инфективни болести на Универзитетскиот клинички центар во Љубљана и членка на владиниот експертски тим за Ковид-19.

Словенија, инаку, денес пријави 143 нови случаи.

Лејко Жупанц додаде дека студија во Обединетото Кралство покажала дека делта сојот на коронавирусот носи двоен ризик од хоспитализација во споредба со претходните соеви, што е важно за ситуацијата во Словенија, каде оваа варијанта е доминантна веќе неколку недели.

На Клиниката за инфективни болести во Љубљана, меѓу пациентите со ковид и натаму преовладуваат постари од 60 години. Но, во болницата има и 10 лица под 50 -годишна возраст, од кои четири под 40 -години и неколкумина под 30 -годишна возраст кои се на интензивна нега, што покажува дека хоспитализацијата им се заканува на помладите луѓе, особено на оние кои не се вакцинирани, предупреди Жупанц.

Таа рече дека апелира до сите што можат да се вакцинираат да го сторат тоа што е можно поскоро, особено оние над 50 -годишна возраст, чија вакцинација, која во моментов изнесува 63 проценти и натаму не е доволна.

Таа ги повика граѓаните да продолжат да се придржуваат кон сите епидемиолошки мерки што се на сила, вклучително и носење маски во затворени простории, и додаде дека е препорачливо да ги носат и оние кои веќе се вакцинирани, бидејќи примерот во САД покажал дека укинувањето на задолжителното носење маски за вакцинираните било грешка, која брзо се покажакала преку порастот на бројот на инфекции.

Share
Scroll to Top