Нападот на синагогата во Тексас е терористички акт, рече Бајден

пред 3 години

Американскиот претседател Џо Бајден денеска изјави дека вооружениот напаѓач кој ја прекинал верската служба во синагога во Коливил, Тексас и зел четири лица како заложници, учествувал во терористички чин.

„Тоа беше терористички чин“, рече Бајден за време на денешната посета на Филаделфија, додавајќи дека нема доволно информации зошто напаѓачот ја нападнал синагогата, пренесе „Ројтерс“.

Заложниците, кои со часови беа чувани во синагогата во градот Коливил, Тексас, се спасени синоќа, изјави гувернерот Грег Абот, со што заврши заложничката криза која траеше речиси 12 часа.

„Нашите молитви се одговорени. Сите заложници се живи и безбедни“, напиша Абот на својот твитер профил, а пренесе агенцијата АП.

Твитот на Абот дојде набргу по силна детонација и пукање во синагога, а полицијата рече дека маж држел заложници и барал ослободување на пакистански невролог осуден за обид за убиство на американски воен офицер во Авганистан.

Киднаперот е прогласен за мртов, изјави полициски претставник кој побарал да остане анонимен, а детали за спасувачката операција и смртта на киднаперот засега не се објавени.

Share
Scroll to Top