На Австралијците кои престојуваат во Индија забрането им е да се вратат дома

пред 4 години

Австралијците кои престојувале во Индија последните две недели, каде беснее епидемија на коронавирус, ќе добијат парична или затворска казна доколку се вратат дома.

Правилата кои забрануваат влез во Австралија за патниците од Индија – вклучително и австралиски државјани – стапуваат на сила од понеделник.

Австралискиот министер за здравство, Грег Хант, доцна во петокот објави дека секој што ќе се обиде да ги заобиколи новите правила, ќе добие парична казна од над 50.000 долари, пет години затвор или и двете, објави австралискиот „Асошиејтед прес“.

Околу 9.000 Австралијци во Индија пријавиле дека сакаат да се вратат, пишува ААП.

Министерот за здравство се повика на овластувањата според Законот за биосигурност по воведувањето на новите мерки. Станува збор за истиот закон што беше основа за затворање на границите, пишува „Гардијан“.

Австралискиот министер за финансии, Џош Фриденберг, ги отфрли критиките дека е неодговорно да ги остави Австралијците во Индија, во момент кога земјата се соочува со глобално рекордни бројки на новозаразени, висок степен на смртност и недостаток на медицинска опрема, вклучително и кислород.

„Презедовме драстични активности за да се осигури безбедноста на Австралијците, а она што го гледаме во Индија е многу сериозна состојба и медицинскиот совет што и е даден на владата е да се воведат овие мерки“, изјави Фриденберг.

„Постапувавме по медицински совет“, рече тој.

Директорката на „Хјуман рајтс воч“ во Австралија, Елејн Пирсон, за ААП изјави дека одговорот на владата за ситуацијата во Индија е „срамен“.

„Австралијците имаат право да се вратат во својата земја“, рече таа.

Share
Scroll to Top