Нетанјаху со благодарност до земјите кои го поддржале Израел, меѓу нив и Македонија

пред 4 години

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху на социјалните мрежи им се заблагодари на владите на голем број земји во светот за, како што наведе, поддршката што ја покажуваат за неговата земја во конфликтот со Хамас, а меѓу нив е и Македонија.

Во пораката објавена на неговиот профил на „Твитер“, Нетанјаху напиша: „Ви благодарам што решително сте со Израел и што го поддржавте нашето право на самоодбрана од терористички напади“.

Заедно со пораката, се поставени знамиња на 25 земји од различни континенти, од САД до Југоисточна Европа, вклучувајќи ги Словенија, Македонија, но и Босна и Херцеговина, каде што најновиот израелско-палестински конфликт наиде на спротивставени ставови.

Имено во Федерацијата БиХ, во деловите со бошњачко мнозинство, јавноста, медиумите, но и политичарите претежно застанаа на страната на Палестинците, осудувајќи го Израел. Од друга страна, во Република Српска изразија јавна поддршка за еврејската држава.

Откако се прошири веста дека БиХ е меѓу земјите на кои Израел им се заблагодарува за поддршката, бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ порача дека израелскиот премиер е малку збунет.

„Мојата порака до премиерот Нетанјаху е дека Босна и Херцеговина не поддржува и не може да поддржува убиства на невини цивили во Газа од страна на израелските воени сили“, напиша Џаферовиќ на социјалните мрежи.

Македонскиот премиер Зоран Заев исто така на „Твитер“ објави став за ситуацијата со Израел и Палестина. Порача дека животите на луѓето се бесценети и насилството мора да запре.

„Не смее да има толеранција за антисемитистички напади. Не смее да има толеранција за напади врз цивили на која било страна. Дијалогот е решение“, напиша Заев.

Share
Scroll to Top