Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел ќе го искористи притисокот од своите напади врз Иран за да обезбеди секој потенцијален дипломатски договор да ги штити неговите витални интереси.
По телефонскиот разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, Нетанјаху во видео-изјава рече дека Трамп верува оти постои можност значајните резултати од заедничкиот американско-израелски напад да се искористат за постигнување на воените цели преку договор.
„Во секоја ситуација ќе ги заштитиме нашите витални интереси“, рече тој.
Нетанјаху сепак нагласи дека израелските воени удари врз Иран и Хезболах во Либан истовремено продолжуваат. Набргу откако Трамп објави дека се во тек преговори за ставање крај на регионалниот конфликт, израелската војска во соопштение наведе дека почнала нова серија воздушни напади врз Техеран.
Исто така, урнат е уште еден мост преку реката Литани во јужен Либан, со тврдење дека Хезболах го користел за транспорт на оружје и свои припадници.
„Ги уништуваме ракетните и нуклеарните програми и продолжуваме силно да го удираме Хезболах“, рече Нетанјаху, додавајќи дека неодамна биле убиени уште двајца ирански нуклеарни научници.
Овие коментари следуваат по објавата на Трамп дека Вашингтон и Техеран се во контакт со цел да се стави крај на војната.
Тој додаде дека планираните американски удари врз иранската енергетска инфраструктура ќе бидат одложени за пет дена по „продуктивни разговори“ со Техеран. Иран, од друга страна, негира какви било разговори со Соединетите Држави, нарекувајќи ги бесмислени.
До овој развој на настаните доаѓа во услови на зголемени регионални тензии по заедничките американско-израелски напади врз Иран кои започнаа на 28 февруари. Како одговор, Иран и неговите регионални сојузници извршија напади врз израелски и американски интереси низ Блискиот Исток.
Текстот Нетанјаху: Ќе продолжиме со нападите и покрај преговорите меѓу САД и Иран е превземен од МАКФАКС.





