Нобеловата награда за мир ја доби правничка од Јужна Африка

Нобеловата награда за мир ја доби правничка од Јужна Африка

пред 11 часа

Нобеловата награда за мир за 2026 година ѝ е доделена на јужноафриканската правничка Наванатем Нави Пилај за нејзиниот придонес кон унапредувањето на мирот и меѓународното право, соопшти Норвешкиот Нобелов комитет.

Комитетот истакна дека, во текот на својата долга кариера, Пилај одиграла клучна улога во зајакнувањето на меѓународниот правен поредок и во процесуирањето на воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид.

„Мирот бара правда“, изјави Нобеловиот комитет, напоменувајќи дека меѓународното право моментално е под огромен притисок и дека институциите наменети за ограничување на моќта на државите и политичките лидери сè почесто се доведуваат во прашање.

Пилај е родена во 1941 година во Дурбан, Јужна Африка, во семејство со индиско тамилско потекло, за време на ерата на апартхејдот.

Како правничка, таа ги бранела противниците на апартхејдот и политичките затвореници, а подоцна станала првата црномуреста жена судија во Високиот суд на Јужна Африка.

Таа, исто така, служела како судија во Меѓународниот кривичен суд и во Меѓународниот кривичен трибунал за Руанда, со кој и претседавала. Од 2008 до 2014 година, таа ја извршувала функцијата Висок комесар на ОН за човекови права.

До неодамна, таа претседавала и со Независната меѓународна истражна комисија на ОН за окупираните палестински територии, а моментално служи како ад хок судија во Меѓународниот суд на правдата во случајот во кој Мјанмар се обвинува за геноцид врз Рохинџите.

Еден од најзначајните аспекти на нејзината судиска кариера е поврзан со Меѓународниот кривичен трибунал за Руанда.

Пилај била член на судскиот совет што го осудил Жан-Пол Акајесу во 1998 година. Ова била првата пресуда за геноцид некогаш донесена од меѓународен суд врз основа на Конвенцијата за геноцид. Одлуката беше историска и поради тоа што утврди дека силувањето и сексуалното насилство, кога се извршени со намера да се уништи одредена група, можат да претставуваат геноцид. Нобеловиот комитет особено го истакна придонесот на Пилај кон развојот на овој правен стандард.

Наградата ќе ѝ биде врачена на Пилај на 10 декември во Осло. Овогодишниот паричен износ на наградата е зголемен на 12 милиони шведски круни.

 

фото/ЕПА

Текстот Нобеловата награда за мир ја доби правничка од Јужна Африка е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top