Истражителите во Тексас ќе се обидат да утврдат кои критични грешки биле направени како одговор на смртоносното пукање во училиште во Увалде, вклучувајќи го и прашањето зошто речиси 20 полицајци останале пред училницата додека децата повикувале на помош, објави Ројтерс во саботата.
var ai_block_div = document.getElementsByClassName (‘ai-viewports’); ai_insert_code (ai_block_div [ai_block_div.length – 1]);
Во срцето на истрагата на Одделот за јавна безбедност на Тексас е и прашањето зошто полицајците чекале во ходникот речиси еден час пред да влезат и да го убијат напаѓачот. Со зголемените повици за независна истрага и зголемените критики за полицискиот одговор, полицијата на Хјустон и Далас пристигнаа во Увалде за да им помогнат на локалните сили.
Тие обезбедуваат заштита на полицијата во Увалде, градоначалникот и стојат пред продавницата каде напаѓачот купил две полуавтоматски пушки.
Инспекторите во меѓувреме се’ уште трагаат по мотивот за нападот. Салвадор Рамос, 18-годишен средношколец кој го напуштил средното образование, немал криминално досие и немал историја на ментална болест, а неговите пораки кои ги испраќал на социјалните мрежи се’ повеќе излегуваат на виделина.
Најмалку две деца повикале помош од неколку соседни училници за четврто одделение, откако Рамос во вторникот влегол во училиште со полуавтоматска пушка АР-15, изјави директорот за јавна безбедност на Тексас, Стивен Мекроу претходно оваа недела.
„Тој е во соба 112“, рекла девојката која повикала помош во 12.03 часот. Истата девојка побарала од операторот на Брзата помош „веднаш да испрати полиција“ во 12.43 часот и четири минути подоцна.
Во 12.51 часот, речиси 45 минути по нејзиниот повик, тактичката екипа упаднала и ја пробила опсадата на основното училиште Роб.
Вкупно најмалку осум повици за брза помош биле упатени од училиштето додека полицијата чекала надвор.
Мекроу истакна дека командирот на самото место, началникот на полицијата во училишната област, погрешно утврдил дека Рамос бил забарикадиран во училиштето и дека децата повеќе не се во опасност, со што и дозволил на полицијата да се подготви за нападот.
„Тоа беше погрешна одлука и точка“, забележа Мекроу, признавајќи дека стандардните протоколи бараат полицијата веднаш да се соочи со активниот училишен напаѓач, наместо да чека помош.
Агентите на тактичката гранична патрола на местото на настанот беа фрустрирани од недостатокот на јасни инструкции од командантот, верувајќи дека тоа ги одложи напорите да се запре нападот, изјави полициски извор.
Изворот наведува дека кога тактичките агенти влегле во училишната училница зад балистичкиот штит, напаѓачот излегол од плакарот и пукал во нив.
„Мразам да верувам дека некои од овие деца би можеле да бидат спасени доколку полицијата им помогнала веднаш откако биле застрелани, а не еден час подоцна откако искрвариле“, рекол друг полициски извор.
Официјалните извештаи за одговорот на полицијата не даваат јасни одговори. Гувернерот на Тексас, Грег Абот, ден по нападот, ја пофали храброста на полицијата, а во петокот рече дека е „лут“ затоа што истражителите го довеле во заблуда за информацијата.
Демократот од Тексас, Хоакин Кастро повика на независна истрага на ФБИ, а тој го посети училиштето во петокот и изјави за Ројтерс дека е длабоко вознемирен од спротивставените информации што се појавиле.