Нов кризен состанок за Украина, ЕУ подготвена да ги зајакне санкциите против Русија

пред 3 години

По кризниот самит на лидерите на ЕУ, министрите за внатрешни работи на земјите членки викендов ќе се сретнат на вонреден состанок на кој ќе разговараат за ситуацијата во Украина, најави францускиот министер за внатрешни работи.

„По синоќешниот состанок на Европскиот совет, ќе се одржи вонреден состанок на министрите за внатрешни работи на земјите-членки на кој ќе се разговара за конкретни одговори на ситуацијата во Украина“, изјави францускиот министер, Жералд Дарманин.

Лидерите на ЕУ во четвртокот вечерта се согласија за нови санкции кои ќе погодат повеќе сектори во Русија по нејзиниот генерален напад врз Украина.

Европската комисија во петокот предупреди дека ЕУ е подготвена да воведе уште построги санкции против Русија поради нејзината агресија врз Украина.

„Отсекогаш велевме дека сме подготвиле пакет и дека тој пакет ќе го применуваме постепено, одговарајќи на конкретни дејствија на Русија. Тоа не се конечни санкции“, изјави портпаролот на Комисијата Петер Стано.

SWIFT не е предложен

Лидерите на Европската унија во четвртокот се договорија за нови санкции против рускиот финансиски, енергетски и транспортен сектор, контрола на извозот на руската технологија и санкции за поединци.

Засега не се предлагаат најсилните и најболните санкции – исклучување од SWIFT, меѓународниот банкарски систем.

Со исклучуцањето од SWIFT во 2012 година, Иран загуби половина од приходите од извозот на нафта, а надворешната трговија падна за 30 отсто. Од западните земји, исклучувањето на Русија од SWIFT најмногу ќе ги погоди Германија и САД.

Според извештаите на медиумите, Германија, Италија, Кипар и Унгарија се против исклучувањето на Русија од SWIFT.

Share
Scroll to Top