Норвешка го зајакнува военото присуство во близина на границата со Русија

пред 2 години

Норвешката влада денеска објави дека годинава ќе додели дополнителни три милијарди круни (308 милиони евра) со цел да го зајакне своето воено присуство на далечниот север, во близина на границата со Русија.

„Дури и ако рускиот напад врз Норвешка е малку веројатен, мора да се разбере дека имаме сосед на исток кој стана поопасен и понепредвидлив“, рече норвешкиот министер за одбрана Од Роџер Еноксен на прес-конференција.

Норвешката влада најави и доделување дополнителни 50 милиони евра за зајакнување на цивилната одбрана.

Чуварот на северните граници на НАТО во Европа, Норвешка ја дели со Русија копнената граница на северот на Скандинавскиот Полуостров, копнената граница на Арктикот, како и огромната поморска граница во Баренцовото Море.

„Треба да го зголемиме нашето присуство на далечниот север. Русија има значајни безбедносни интереси во нашето соседство, а далечниот север, исто така, има силно економско значење за Русија“, рече министерот.

Во Норвешка во тек се поморски, воздушни и копнени маневри во кои учествуваат околу 30.000 војници од 27 земји-членки на НАТО или партнери на Алијансата (Шведска и Финска).

Share
Scroll to Top