Нуклеарно оружје и „Орешник“: почна воената вежба „Запад 2025“ во Белорусија

Нуклеарно оружје и „Орешник“: почна воената вежба „Запад 2025“ во Белорусија

пред 2 недели

Денес, во Белорусија почна големата заедничка стратешка вежба „Запад 2025“, која армиите на Русија и на Белорусија ќе ја извршат во периодот од 12 до 16 септември. Маневрите, што се одржуваат секоја втора година, овој пат имаат цел да ја тестираат способноста за одбивање можна агресија и да демонстрираат подготвеност за користење на сите расположиви сили и ресурси.

Темата на вежбата е дефинирана како „употреба на групи војници во интерес на обезбедување на воената безбедност на Белорусија“. Во пракса ова значи вежбање на елементите на стратешка одбранбена операција – одбивање на инвазијата на агресорот, уништување на непријателските трупи, одржување на границите и враќање на контролата врз клучните територии, но и создавање услови за преминување во контранапад, пренесуваат медиумите.

Особено внимание беше посветено на одбранбените планови против воздушни офанзиви, масовни напади со оган, поразување на непријателските воздушни и ракетни групи, како и попречување на контролните системи и електронското војување. Сценариото исто така вклучува задачи за уништување саботажни групи и специјални сили, како и обезбедување организирано напредување на резервите во критичните региони.

Еден од клучните сегменти на маневрот е вежбање употреба на нуклеарно оружје. Комплексот „Орешник“ ќе се користи за симулација на удар, а единиците ќе работат на планови за складирање, заштита и префрлање на нуклеарниот арсенал на разни нивоа на подготвеност. Првиот, но и одмаздничкиот нуклеарен удар во сценариото на вежбата, ќе биде дизајниран како одговор на можната употреба на непријателски бојни глави. Целите на таков напад би можеле да бидат непријателски трупи, инфраструктура, енергетски и транспортни центри, како и резерви на оружје и гориво.

Белорускиот министер за одбрана Виктор Кренин изјави дека вежбите претставуваат јасна порака за одвраќање и предупредување дека Минск и Москва нема да останат пасивни пред процесот на милитаризација во нивната околина. Генералштабот на белоруските вооружени сили ќе управува со вежбите, чии главни фази ќе се изведуваат на полигони за обука во близина на Борисов.

Целта на овие маневри не е само воена вежба, туку и политички сигнал. „Запад 2025“ испраќа порака до НАТО дека во случај на каква било агресија против алијансата на овие две земји, Русија и Белорусија имаат капацитет и подготвеност да ги користат сите расположиви ресурси – од конвенционални до нуклеарни, според написите.

Фото: принтскрин

Текстот Нуклеарно оружје и „Орешник“: почна воената вежба „Запад 2025“ во Белорусија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top