Објавени пораки меѓу поранешниот норвешки премиер и Епстин, започната е истрага

Објавени пораки меѓу поранешниот норвешки премиер и Епстин, започната е истрага

пред 3 часа

Поранешниот норвешки премиер Торбјорн Јагланд е под полициска истрага поради сомнение за сериозна корупција поврзана со неговите врски со покојниот сексуален престапник Џефри Епстин, соопшти вчера норвешката полиција. Истрагата е покрената откако беа објавени нови документи што откриваат комуникации меѓу Јагланд и Епстин, пренесува ДВ.

Пал Лоесет, раководител на норвешката единица за економски криминал Оекокрим, рече дека постојат легитимни основи за истрага. „Веруваме дека постојат разумни основи за истрага, со оглед на тоа што во периодот опфатен со објавените документи тој ги извршувал функциите претседател на Нобеловиот комитет и генерален секретар на Советот на Европа“, рече Лоесет.

Во соопштението се додава дека Оекокрим, меѓу другото, ќе истражи „дали подароците, патувањата и кредитите што ги примил се поврзани со неговата позиција“.

Норвешката полиција, исто така, побарала укинување на имунитетот на Јагланд за да се олесни истрагата. Министерот за надворешни работи Еспен Барт Ајде потврди вчера дека Норвешка ќе поднесе предлог до Советот на Европа за одземање на имунитетот на поранешниот генерален секретар на таа организација.

„Важно е фактите од овој случај да излезат на виделина“, рече Ајде. Советот на Европа е меѓународна организација за човекови права и не е дел од Европската Унија.

Андерс Бросвет, адвокатот на Торбјорн Јагланд, рече дека неговиот клиент го поздравува отворањето на полициската истрага и дека целосно ќе соработува.

„Добро е Јагланд да добие авторитативно разјаснување од Ококрим, наместо целиот прес-корпус да спроведува свои мали приватни истраги“, изјави Бросвет за новинската агенција АФП.

Јагланд (75) беше норвешки премиер од 1996 до 1997 година, а подоцна генерален секретар на Советот на Европа од 2009 до 2019 година. Во периодот од јануари 2009 до март 2015 година, тој исто така претседаваше со комитетот што ја доделува Нобеловата награда за мир.

Нови документи откриваат контроверзни комуникации
Истрагата следи по објавувањето минатата недела на нова серија од речиси три милиони документи поврзани со Епстин од страна на Министерството за правда на САД. Размената на пораки меѓу Јагланд и Епстин предизвика возбуда во Норвешка.

„Бев во Тирана, извонредни девојки“, напиша Јагланд во порака до Епстин во мај 2012 година. Во друга порака од јануари 2013 година, тој рече: „Не можам само да продолжам со млади жени, како што знаете“.

Јагланд призна за весникот „Афтенпостен“ во неделата дека покажал „лоша проценка“ одржувајќи врски со Епстин.

Директорот на норвешкиот Нобелов институт, Кристијан Берг Харпвикен, изјави во среда дека се чека изјавата на Јагланд за врските со Епстин.

„Доколку се покаже дека Торбјорн Јагланд добил значителни финансиски придобивки од Џефри Епстин додека бил член на Нобеловиот комитет, тоа би било спротивно на нашиот етички кодекс“, рече Харпвикен.

Што пишува во пораките?
Пребарувањето на името „Јагланд“ во архивите на Епстин дава 2.250 резултати, кои датираат од 2011 до 2018 година. Многу од пораките се за практични договори и се напишани од секретарката на Епстин. Постојат бројни е-пораки за состаноци и договори, особено во текот на 2013 и 2014 година.

Епстин беше осуден за сексуална злоупотреба на деца во 2008 година.

Јагланд често ги потпишува своите пораки со „Т“ или „ТЈ“, што сугерира дека неговиот однос со Епстин станал доста личен во овој период.

Во март 2014 година, многу од е-пораките се занимаваат со практичните детали за целото семејство Јагланд и децата што одат на островот на Епстин.

„Ако сте ги провериле полетувањата на летовите и сте пронашле нешто што ви одговара, само известете нè“, напишал асистентот на Епстин во една порака.

„Вашиот пријател“
Во е-пошта од 8 септември 2013 година, Јагланд пишува: „Дали е можно да се посети вашиот остров за Божиќ или Велигден? Што ви одговара повеќе?“ Тој ја потпишува пораката со „вашиот пријател“.

Во порака испратена на 28 септември 2014 година, Јагланд споменува можен стан во Осло и наведува дека може да добие заем до 7,5 милиони круни (околу 650.000 евра).

Потоа тој бара од Епстин помош со преостанатиот износ. Јагланд верува дека му требаат 10 милиони круни за добар стан, но бара да позајми 2,5 милиони круни (околу 215.000 евра).

„Не сакам да бидам премногу задолжен кога ќе се пензионирам“, напиша поранешниот норвешки премиер.

Јагланд е еден од неколкуте истакнати Норвежани кои се најдоа под јавен надзор откако беа објавени документите. Принцезата Мете-Марит, исто така, призна дека имала лоша проценка во одржувањето контакт со Епстин откако тој беше осуден.

Текстот Објавени пораки меѓу поранешниот норвешки премиер и Епстин, започната е истрага е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top