Од минута во минута ја следиме руската инвазија во Украина.
Најновите вести:
08:50 Руски бродови ја гранатираа Одеса
Во последните часови, официјални лица од Одеса изјавија дека градот бил погоден од ракетни напади. Тие велат дека руските сили ја гранатираат Одеса од Црното Море.
„Како резултат инфраструктурни објекти во регионот Одеса се погодени“, напишаа градските власти во Телеграм.
08:40 Авион на НАТО следел српски цивилен авион на лет од Русија, Вучиќ бара објаснување
Српскиот претседател, Александар Вучиќ синоќа на РТС изјави дека авион на НАТО во рускиот воздушен простор следел цивилен лет на српски авион кој летал од Москва за Белград.
Наводниот инцидент се случил завчера, а Вучиќ најави дека ќе побара информации од Русија и НАТО.
08:30 Русија призна дека има значителни загуби
Кир Џилс, висок советник во тинк-тенкот Четам Хаус, ги коментираше за Sky News изјавите на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој во вчерашното интервју призна дека имало „значителна загуба“ на руски војници по инвазијата на Украина.
08:25 Британското разузнавање: Русија ќе ги врати повлечените сили за една недела
Во својот последен извештај, британската воена разузнавачка служба тврди дека на руските сили кои се целосно повлечени од северна Украина ќе им треба најмалку една недела пред да бидат прераспоредени.
Министерството за одбрана пишува дека многу руски единици мора да ги пополнат своите редови пред да бидат испратени да се борат во Донбас.
08:20 Русија воведе санкции за Австралија и Нов Зеланд
Русија воведе санкции за граѓаните на Австралија и Нов Зеланд, вклучително и нивните премиери, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
08:00 Урсула фон дер Лајен и Борел пристигнаа во Киев, ќе разговараат со Зеленски
Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен пристигна во Киев на средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Таа на Твитер објави фотографија на која излегува од владата во главниот град на Украина.
Во Киев со Фон дер Лајен отиде и високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел. И тој се огласи на Твитер. „На пат кон Киев“, напиша тој.
Looking forward to Kyiv.@JosepBorrellF @eduardheger pic.twitter.com/YFAgGr5Tlc
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) April 8, 2022